Пендаровски со порака за толеранција, Сиљановска за почитување на законите
Кандидатите за претседател на државата кои влегоа во вториот круг на претседателскит избори кој ќе се одржи на 5 мај, Гордана Сиљановска – Давкова и Стево Пендаровски, денеска остварија средби со граѓани и упатија честитки за велигденските празници.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова го посети село Бањица, каде со жителите разговараше за проблемите со сиромаштијата, корупцијата, непотизмот.
„Ги слушнав денес и Турците и Албанците од Долна Бањица. Нивните проблеми се слични со соседите Македонци и со Србите, Бошњаците, Ромите, Власите, Египјаните и другите. Со владеењето на правото да ги решиме“, рече Сиљановска.
Таа додаде дека граѓаните ги споделуваат истите проблеми, како непочитувањето на законите кои треба да се исти за сите граѓани.
Кандидатот на СДСМ и ДУИ по повод Велигден денеска го посети Марков манастир во населеното место Маркова сушица. Тој упати порака за помирување, заедништво и благососотојба за велигденските празници.
„Во овие денови сме препуштени на духовниот мир и личниот спокој, да испратиме порака за толеранција, пријателство, меѓусебно почитување и помагање, не се само христијански, туку и универзални вредности“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека само со почитување на овие вредности, денска и секој ден во годината, може да создадеме општество шти обезбедува мир, и благосостојба за сите.