Мицкоски: Илинден е наша должност
Македонија денеска ги празнува двата светли Илиндена - првиот кој беше крик на поробениот народ, и вториот таа 44-та кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на одбележување на Илинден во струшкото село Ташмаруништа.
„И секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не само Крушевското востание туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот, на секоја педа македонска почва. Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала“, рече Мицкоски.
Како што додаде, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода и затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот.
„Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание но неговото име и чест продолжи да живее. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се ова македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело. Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме. Илинден и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото Смрт Или Слобода“, рече Мицкоски.