Во Белград одржан 35. протест „Еден од пет милиони“
Во Белград како и секоја сабота, синоќа се одржа 35. протест „Еден од пет милиони“. Протест се одржа неколку дена откако почна дијалогот на Факултетот за политички науки меѓу претставниците на власта и опозицијата за изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.
Претседателот на Движењето за пресврт и еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС), Јанко Веселиновиќ, на протестот порача дека СзС ќе ги бојкотира изборите доколку не бидат слободни, истакнувајќи дека останат е само еден месец и половина за властите да ги исполнат барањата за изборите да се одржат во регуларни услови.
Протестот започна со минута молчење за жртвите од акцијата на хрватската армија пред 24 години наречена „Бура“.
Учесниците на протестниот марш запреа пред зградата на Претседателството, каде студентот Мома Ковачевиќ, еден од организаторите на протестите, посочи дека дијалогот меѓу власта и опозицијата е успех на протестот, но дека беа „потребни 35 недели за да се постигне дијалог и дека тоа е показател да овде нема демократија“.
Тој ја повика академската заедница да не молчи додека министрите се осомничени за плагијат и фалсификување на дипломи и најави дека студентите во септември повторно ќе го блокираат Ректоратот.
Учесниците на протестот пред црквата Свети Марко запалија свеќи за жртвите од хрватската акција „Бура“.