Србија: Одлуката за Морина на Македонија ја поткопува суштината на меѓународното право
Официјален Белград реагираше на одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, со која се потврдува решението на првостепениот суд во кое е утврдено дека не се исполнети условите за екстрадиција на Томор Морина во Република Србија и му се укинува мерката притвор.
Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска изјави дека Северна Македонија со одлуката дека нема услови за екстрадиција на Томор Морина на Србија ја поткопала суштината на меѓународното право.
„Не може да постои оправдување за тоа некој, кој е осомничен за воени злосторства против човештвото, да биде пуштен на слобода, наместо да одговара за смртта на многу недолжни луѓе, изјави Стефановиќ.
Стефановиќ наведува дека меѓународната потерница за Морина останува на сила и со оглед на фактот дека воените злосторства не застаруваат, очекува Морина кога тогаш да одговара за своите дела.