Галовеј - Лондон се надева на датум во октомври за РСМ
![Галовеј - Лондон се надева на датум во октомври за РСМ](https://gdb.rferl.org/37CF63B0-84C7-4D65-9A36-FF4D332FE5D4_w800_h450.jpg)
Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вели британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА.
Таа вели дека земјата покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи.
„Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи“, вели амбасадорката.
Запрашана за тоа што ако Законот за јавно обвинителство не биде донесен, Галовеј вели дека политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред сè.
За случајот „Рекет“ таа вели дека е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите и дека најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите.
Таа вели дека и по заминувањето од ЕУ, Обединетото Кралство ќе остане поврзано со Северна Македонија и поширокиот балкански регион.