Македонија доби 11 милиони долари грант од САД
Македонија ја доби втората транша во износ од 11 милиони долари од грантот од САД наменет за развојната цел за просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество. Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези и претставникот на УСАИД во држвава, Ненси Годфри, денеска потпишаа Амандман на Договорот за грант, а со кој УСАИД го зголеми и планираниот износ на средства за предвидената развојна цел, на 25,5 милиони долари.
„Средствата се наменети за активности што ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носење на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството“, рекла на средбата заменик министерката за финансии Ширет Елези, истакнувајќи дека договорот е од особена важност за државава, објави МИА.
Како што е оценето на потпишувањето, проектите имаат цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно окружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност.
„За да се промовира учеството на граѓаните, програмите ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. Со цел зајакнување на доброто владеење, обезбедуваме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. И на крајот, во насока на зајакнување на врските меѓу заедниците, со овие средства се поддржуваат активности кои ќе ја подобрaт меѓуетничката интеграција и ќе го зголемaт вклучувањето на маргинализираните групи во општеството, оцениле на состанокот Елези и Годфри“, соопшти Министерството за финансии.