ДПА: Притисок од ЕУ министрите за преговори со Македонија и Албанија
ЕУ треба да донесе одлука да започне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, јави ДПА, пренесувајќи ги ставовите на повеќе министри за надворешни работи од ЕУ и покрај загриженоста за застојот на напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Мислам дека ЕУ мора да има интерес за Западен Балкан“, изјави денеска во Хелсинки германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, појаснувајќи дека тоа е важно со цел да се спречат други, кои не споделуваат исти вредности, да го шират своето влијание.
Германската новинска агенција ДПА потсетува дека членките на ЕУ во јули ја одложија одлуката за почеток на преговори за октомври и покрај тоа што Европската комисија оцени дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле сите предуслови за тоа. Во тој момент Германија не беше подготвена да даде „зелено светло“, додека Франција и Холандија веќе одреден период изразуваат резервираност во однос на ова прашање.
Главните грижи се однесуваат посебно за Албанија, додека за Северна Македонија има принципиелен консензус дека треба да се награди затоа што презеде огромен чекор кога лани го реши повеќедеценискиот спор со соедна Грција за името. Како резултатот на тоа „лебди во воздух“ идејата да се почнат преговори со Скопје, додека со Тирана да бидат одложени, објави ДПА.