Одбележана 12-годишнината од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце
Со положување цвеќе и со едноминутно молчење пред спомен-обележјето кај катлановско Блаце денеска им беше оддадена почит на единаесетте припадници на Армијата кои пред 12 години трагично загинаа во хеликоптерската несреќа. Како што соопшти Министерството за одбрана, почит на загинатите, покрај членовите семејствата оддадоа делегации од Генералштабот, Министерството за одбрана и локалните власти.
Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија „АЛТЕА” се урна на 12-ти јануари 2008 година кај катлановско Блаце, при што загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на воздухопловниот Винг и семејствата на загинатите пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, а ќе се одбележи и во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА”.