Десетици илјади на протест против пензиската реформа во Франција
Неколку десетици илјади луѓе на повик на синдикатите се собраа денес на протести низ Франција против најавената пензиска реформа, заради која шест недели трае штрајкот на железниците.
Собирите се одржани во големите градови низ Франција, а во Париз се собраа 250.000 луѓе, според проценките на синдикатот ЦГТ, пренесува Бета.
Меѓу демонстрантите има просветни работници, адвокати, работници во железниците и студенти.
После неколкуте протести од 5 декември кога почна и штрајкот во железниците и кога на улица излегоа околу 805.000 луѓе, според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, синдикатите сакаат со протестите да се задржи притисокот врз власта, бидејќи се противат на пензиската реформа.
Според податоците на полицијата, сепак денеска е многу помал бројот на луѓе отколку на почетокот на протестите на 5 декември. Околу 42.000 луѓе се собраа во останатите француски градови.
Ситуацијата е подобрена во железничкиот транспорт, но поради штрајкот се проценува дека има загуби од околу една милијарда евра. Сите линии на метрото во Париз денеска работат, но не во континуитет.
Следниот протест е закажан за 24 јануари, кога француската Влада ќе го разгледува нацрт-законот за пензиската реформа.