Пендаровски: по изборите очекувам брзо формирање влада
Претседателот Стево Пендаровски на вчерашниот прием за странските амбасадори акредитирани во С. Македонија рече дека очекува веднаш по завршувањето на изборите, брзо да се формира владата и дека доследно ќе ги почитува уставните одредби при доделувањето на мандатот. Тој додаде и дека независно од резултатот на изборите очекува и ќе настојува Северна Македонија да продолжи по патот на добрососедството.
„Со Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија отворивме простор за да затвориме тешки прашања од минатото и да понудиме сериозен влог во нашата заедничка иднина како пријатели“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот пред дипломатите ги спомена, како што ги нарече, изолираните коментари кои од припадниците на Еврејската заедница беа протолкувани како антисемитски.
„Пред нас е период на кампања и вжештена предизборна реторика. Од тие причини, повикувам на поголема внимателност и воздржаност, затоа што мојот народ буквално никогаш во историјата не бил поврзуван со антисемитски сентименти и ставови“, рече Пендаровски.