Грција смета дека Германија згреши што не ги покани на конференцијата за Либија
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас вели дека Грција сака мир во Либија и стабилност во регионот, а не примирје што ќе се прекине по еден месец или неколку седмици. Министерот за надворешни работи на Грција ги повтори европските ставови за либиското прашање односно прекин на огнот и признавање на невалидноста на двата меморандуми меѓу Турција и Владата во Триполи.
Утре во Берлин се одржува конференција на која треба да се направи обид за завршувањето на војната во Либија, но Грција не е поканета. На неа ќе присуствуваат лидерите од Турција, Русија, САД, Британија, Кина, Франција и Италија. Дендиас вели дека Германија направи грешка што не ја покани Грција, но дека претставниците на Берлин и на ЕУ на состанокот треба да ја бранат европската позиција.
Либија е зафатена од насилства по падот на Моамер Гадафи кој беше соборен од власт и убиен во 2011 година. Земјата сега има две влади, едната поддржана од Обединетите нации и се наоѓа во Триполи, а другата е владата на Либиската национална армија предводена од либискиот генерал Калифа Хафтар.
Претходно турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека ако падне либиската Влада, што има поддршка од Обединети нации, ќе зајакне исламистичкиот тероризам.