Осум дена притвор за заканувачот Емил Јакимовски
Осум дена притвор доби осомничениот Емил Јакимовски, одлучил судија на претходна постапка одлучувајќи по предлогот на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Тој е осомничен за две дела - загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и неизвршување на судска одлука, како и за загрозување на сигурност преку информатички систем. Надлежниот јавен обвинител побара притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото или да го изврши кривичното дело со кое се заканувал, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
„Тој, како поранешен сопруг на една оштетена, во периодот од декември 2019 година до 16 јануари 2020 година и ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице. Притоа, тој не го почитувал Решението на Основниот граѓански суд Скопје со кое била издадена наредба – Привремена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство, односно и покрај судската забрана постојано психички ја вознемирувал и и се заканувал“, стои во соопштението.
Втората пријава се однесува на тоа дека преку интернет им се заканувал и на две оштетени дека ќе изврши кривично дело – Убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите ги упатувал преку СМС пораки и мобилни апликации, па оштетените се почувствувале дека им е загрозена личната и сигурноста на нивните семејства.
Јакимовски пред една недела доби отказ од Централниот регистер, а на јавноста и е познат по блискоста со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако минатата недела во јавноста излезе дека им се заканувал и ги навредувал новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, се огласи и директорката на Централен регистер, која рече дека навреди и закани добивале и вработени во институцијата, вклучително и таа, за што имала поднесено и поплаки. Потоа тој доби отказ.