Петровска: помина времето на партиски штабови во МВР
Помина времето на „некое ливче нека снема“, времето на партиски штабови во МВР е минато, односите со министерот за внатрешни работи Наќе Чулев се коректни, полицијата ја гарантира безбедноста на граѓаните, рече заменик-министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска на денешната прес-конференција која се одржа во владата.
„Нашето одговорно однесување ќе биде најголем мотив граѓаните да излезат на изборите. Ќе се спротивставиме на секој обид да се направат паралелни структури, ова е порака до сите припадници на МВР, законски да ги исполнуваат своите задачи. Во овој момент активности нема, но пораката е однапред пратена за да нема такви ситуации во иднина“, рече Петровска.
Таа рече дека засега нема обиди за создавање паралелни структури, но испраќа порака до сите припадници на МВР „да не се случи некоја непријатна ситуација во иднина“. Петровска изјави дека најголем дел од несогласувањата со министерот Чулев се надминати, но сепак таа останува на ставот дека ќе поднесе кривична пријава.
Таа претходно најави дека ќе поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство против техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, поради несовесно и нестручно работење. Причина е тоа што без да ја информира, Чулев испратил телеграма до сите организациски единици во МВР со која престанува да важи наредбата до работниците да извршуваат задачи во други организациони единици. Петровска смета дека на тој начин се создава недостаток на човечки ресурси во делот на обезбедувањето на личности и објекти и со тоа директно се загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има обврска да ги обезбедува. Во однос на предлогот на Чулев, Ристе Ставревски да биде началник на СВР Скопје, Петровска вели дека лице кое било вмешано во вршење изборни притисоци, не треба да биде на една од челните позиции.