Повеќе градови во Кина во изолација, во обид да се спречи ширењето на вирусот
Градовите во централната кинеска провинција Хубеи преземаат мерки за изолација, во обид да го контролираат ширењето на новиот вирус од кој досега починаа 17 луѓе, а повеќе од 600 се заболени.
Најголемиот дел од транспортот во Вухан, главниот град на провинцијата со 11 милиони жители, денеска беше суспендиран, носењето заштитни маски е задолжително во јавност, а власта ги советуваше луѓето да избегнуваат гужви и јавни собири.
Најмалку уште четири други градови во провинцијата Хубеи – Хуанганг, Еджоу, Сиантао и Чиби, воведуваат ограничувања во сообраќајот, додека главниот град Пекинг ги откажа сите големи прослави за кинеска Нова година.
Вирусот се прошири и надвор од Кина, а последни земји во кои има регистрирано случаи се Сингапур, Саудиска Арабија и Виетнам. Сите 17 жртви досега се во провинцијата Хубеи и главно се работи за повозрасни луѓе со други хронични болести. Вирусот 2019-nCoV е нова верзија на коронавирусот кој претходно не бил забележан кај луѓе. Вирусот САРС од кој на почетокот на овој век починаа скоро 800 луѓе исто така беше коронавирус.