ВМРО-ДПМНЕ: незаконски се издаваат лиценци за одгледување марихуана
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека според нивните информации најголем дел од 31-та лиценца за одгледување марихуана во 2019 година биле издадени незаконски. Тој тврди дека Министерството за здравство не врши воопшто инспекциски надзор колку канабис е одгледан кај голем дел од компаниите, па огромна количина од канабисот, како што рече, се продава на црно за огромни суми на пари.
„Прашуваме, дали е точно дека Заеви доделувале лиценци на нивни блиски фирми без да поседуваат соодветен елаборат, па практично сега лиценците се незаконски?“, кажа Јанушев.
Тој повикувајќи се на разговори кои кружеле „низ кулоарите на бизнисмените“, праша и дали е точно дека цената на една лиценца на Владата на СДСМ и на Заев чини околу 300.000 до 500.000 евра кои се плаќаат директно на рака кај луѓе блиски до власта.