Албанија одобри отворање македонски КИЦ во Тирана
![Албанија одобри отворање македонски КИЦ во Тирана](https://gdb.rferl.org/04978D68-EF61-402E-BD19-92B3D6277B5E_w800_h450.jpg)
Албанскиот парламент на денешна седница ја ратификуваше Спогодбата за отворање на Македонски културно – информативен центар во Тирана, пренесува МИА. На седницата за значењето на центрите кои се отвораат во Тирана и во Скопје, зборуваше пратеникот од партијата Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски.
„Отворањето на овие културно-информативни центри во Тирана и Скопје ќе ги интензивираат културните односи меѓу двете земји, ќе го зајакне понатамошниот развој на односите меѓу Албанија и Македонија, ќе се развие и зајакне меѓукултурната соработка и ќе се создадат услови за уметници од двете држави да ја претстават својата работа во двете држави“, рече Стерјовски.
Тој додаде дека овие културно-информативни центри ќе ја шират и презентираат албанската култура во Македонија и македонската култура во Албанија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите
и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете страни.