Предлог-законот за игри на среќа во фотофиниш
Движењето „Анти Коцкање“ денеска на прес конференција побара од политичкиот естаблишемент пред гласањето на Законот за игри на среќа да не потклекнат на финансиски желби. Ситуацијата во која се наоѓа државата е загрижувачка и побараа од 120-те пратеници кои утре ќе гласаат да посетат семејство кое е жртва на коцкањето, за да одлучат за дислокација на тие објекти, изјави Џемал Абдиу од Движењето.
Абдуи реагираше и на вчерашното соопштение на Асоцијацијата на обложувалниците посочувајќи дека бараат дислокација на обложувалните на три километри од населените места.
„Тие се преправаат дека се вознемирени за 7 700 вработени со минимална плата од 16.000 денари искористувајќи ја тешката економска состојба. Колку се мизерни? Тие се грижат само за себе и за нивните џебови, апсолутно не се засегнати за уништените и разведени семејства. Се поставува прашањето што ќе сториме со 1.000.000 други безнадежни животи што останале на улица“ изјави Абдиу.
Од Асоцијацијата посочија дека со измени на законот за игри на среќа може да се предизвика загуба во државната каса од 253 милиони евра по основ на давачки од обложувалниците, како и да потигне оваа гранка да мигрира во сивата економска зона.
Во меѓувреме министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил ги повика партиите да ги поддржат измените на законот. Според него, ако аптеките може да имаат ограничување за тоа каде се наоѓаат, тогаш зошто да нема и ограничување каде може да бидат казината и обложувалниците. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се воздржани дали ќе ги поддржат измените.
„Можам да кажам дека во тек се анализи на пратеничката група и утре во текот на утрешниот ден пред отпочнување на работата на Собранито ќе биде изнесен ставот на пратеничката група како ние ќе гласаме“, изјави Димче Арсовски портпаролот на ВМРО ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање.
Предлог-законот за игри на среќа беше во застој речиси година ипол откако беше предложен од страна на пратеници од ДУИ како резултат на барањата на движењето против коцкање кое првично се појави во Тетово