САД обвинува дека Иран со лансирањето сателит сака да развие балистички ракети
Соединетите Американски Држави ги обвинија иранските власти дека лансирањето на сателит во вселената го користат за да развијат балистички ракети. Обвинувањето доаѓа на два дена откако иранските власти пријавија имале неуспешен обид да го испратат иранскиот сателит Зафар во Земјината орбита.
Неуспешен обид на Иран да лансира сателит во земјината орбита
Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека технологиите што се користат за лансирање сателити во орбитата се практично идентични со оние кои се користа во ракетните системи со долг дострел, вклучително и интерконтиненталните балистички ракети.
„Секое лансирање, без разлика дали е неуспешно или не, дополнително му дозволува на Иран да стекне искуство со користење на такви технологии кои можат да му бидат од корист за неговите ракетни програми, под маската на мирнодопска вселенска програма“, рече Попмео.
Франција, исто така, ги осуди напорите за лансирање на иранскиот сателит и го повика Иран да се придржува кон меѓународните обврски.
Иран ги негира обвинувањата дека ја користи сателитската програма за развој на балистички ракети.