Абас го отфрли планот на Трамп за Блискиот Исток
Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк потврди дека го отфрла планот за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нарече „подарок за Израел“ и неприфатлив за Палестинците, пренесува Ројтерс.
Планот на Трамп – историска можност или голем заговор
Абас оцени дека планот од Палестина прави „изделкана држава“ без контрола врз поморскиот и врз воздушниот простор. Тој рече дека Палестинската држава, предвидена со планот е како „швајцарско сирење“ и ги праша претставниците на 15-те земји членки на Советот за безбедност на ОН кој од нив би прифатил таква држава.
„Ние го отфрламе израелско-американскиот план кој ги доведува во прашање легитимните права на палестинскиот народ. Го отфрламе тој план зашто Источен Ерусалим нема да биде дел од Палестина и тоа е доволно да се отфрли“, рече Абас, пренесуваат светските агенции.
Тој апелира на, како што рече, праведен мир за 13 милиони Палестинци, оценувајќи дека планот на администрацијата на претседателот Трамп претставен во Белата куќа на 28 јануари има цел „да стави точка на прашањето за Палестина“. Абас оцени дека тој план нема да донесе мир и стабилност во регионот и затоа нема да го прифатат и ќе се спротивставуваат на неговата примена на терен.
Зборувајќи после Абас, израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, го пофали планот на Трамп, зашто „ги отфрла застарените концепти“ кои не дале резултати 70 години.
Пратеникот на ОН за Блискиот Исток, Николај Младенов, на почетокот на седницата предупреди дека израелската анексија на делови од Западниот Брег, што се предвидува со планот, би имала разорни последици врз изгледите за решение на судирот по моделот две држави.