Пендаровски ја потпиша ратификацијата за НАТО
Претседателот Стево Пендаровски денеска во присуство на студенти од Правниот факултет го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
„На ова чекавме речиси 30 години, ама се исплатеше. Нека ни е со среќа“, рече Пендаровски, посакувајќи во иднина да потпишуваме вакви документи и за членството во Европската унија.
Симболично пенкалото со кое го потпиша указот и го даде на една од студентитките во чие присуство беше потпишан документот.
Законот за ратификација на Североатланскиот договор беше изгласан вчера на свечена седница во Собранието и тој е со одложено дејство, односно ќе стапи во сила откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО. Владата се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април. По свечената седница, знамето на НАТО беше закачено на јарбол пред законодавниот дом. Земјава ќе стане 30-та членка на НАТО.
Пратениците едногласни за НАТО