Во Ханау убеин и Бугарин
![Во Ханау убеин и Бугарин](https://gdb.rferl.org/5C474891-90D8-45DB-8A36-BAFD8BEC9865_cx0_cy4_cw0_w800_h450.jpg)
Бугарскиот конзул во Франкфурт Антоанета Бајчева за бугарската национална телевизија БНТ потврди дека еден од загинатите во пукањето во германскиот град Ханау е бугарски државјанин.
Тој како што кажа конзулката живеел во Германија две години и работел како возач, а од скоро се вработил во наргиле барот каде што се случи убиството.
„Има информации дека во кафулето работеле и други Бугари, но во моментот на пукањето таму бил само Калојан Велков“, кажа Бајчева.
Инаку претходно денеска и портпаролот на Министерството за надворешни работи на БиХ Небојша Рогоје за Радио Слободна Европа соопшти дека меѓу убиените во германскиот град Ханау е државјанин на Босна и Херцеговина.
„Не можам да кажам за кого се работи. Детални инфорации за идентитетот на убиениот ќе бидат објавени на интернет страницата на Генералниот конзулат на БиХ во Франкфурт“, рече Рогоје.
Во германскиот град Ханау во средата навечер напаѓач отвори оган врз два наргиле барови во градот во западна Германија и уби најмалку девет лица, а неколку луѓе ранил, соопшти полицијата, пренесува агенцијата АП.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека постојат сомневања дека напаѓачот делувал врз основа на расистички и десничарски мотиви, додавајќи дека властите прават се што е во нивна можност за разјаснување на позадината на нападот.
Полицијата претходно соопшти дека според достапните податоци, напаѓачот со автомобил побегнал од местото на настанот и извршил самоубиство во неговата куќа.
Ханау е оддалечен околу 20 километри од Франкфурт и има околу 100.000 жители.