Во Ханау убиен државјанин на БиХ
![Во Ханау убиен државјанин на БиХ](https://gdb.rferl.org/0BA7F209-CAC0-40A8-A17E-200E36320B89_w800_h450.jpg)
Меѓу убиените во германскиот град Ханау е државјанин на Босна и Херцеговина, соопшти денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на БиХ Небојша Рогоје за Радио Слободна Европа.
„Не можам да кажам за кого се работи. Детални инфорации за идентитетот на убиениот ќе бидат објавени на интернет страницата на Генералниот конзулат на БиХ во Франкфурт“, рече Рогоје.
Претходно Рогоје за РСЕ изјави дека Министерството за надворешни работи на БиХ е информирано оти меѓу убиените нема државјанин на БиХ. Меѓутоа, по деталните проверки на базите на податоци било утврдено спротивното.
Во германскиот град Ханау во средата навечер напаѓач отвори оган врз два наргиле барови во градот во западна Германија и уби најмалку девет лица, а неколку луѓе ранил, соопшти полицијата, пренесува агенцијата АП.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека постојат сомневања дека напаѓачот делувал врз основа на расистички и десничарски мотиви, додавајќи дека властите прават се што е во нивна можност за разјаснување на позадината на нападот.
Полицијата претходно соопшти дека според достапните податоци, напаѓачот со автомобил побегнал од местото на настанот и извршил самоубиство во неговата куќа.
Ханау е оддалечен околу 20 километри од Франкфурт и има околу 100.000 жители.