Додик: Блокадата на БиХ продолжува, отцепување на Република Српска е можно
![Додик: Блокадата на БиХ продолжува, отцепување на Република Српска е можно](https://gdb.rferl.org/C52CEBB0-1B58-4D07-9B22-362C56C37CD5_w800_h450.jpg)
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик потврди денеска дека блокадата за одлучување во телата на државната власт ќе продолжи се додека не се измени составот на Уставниот суд на БиХ, повторно заканувајќи се со отцепување на Република Српска доколку тоа барање не се исполни. Тој пред новинарите истакна дека одлуката се однесува на Претседателството на БиХ, државниот Парламент и Советот на министри.
Република Српска се закани со отцепување од БиХ
Додик најави дека во текот на денешниот ден треба да биде готов предлог новиот закон за Уставниот суд на БиХ, кој во Парламентот заедно ќе го поднесат хрватските и српските партии. Ставот на српските претставници на ниво на БиХ е дека Уставниот суд треба да има шест судии, од кои двајца од Република Српска и четворица од Федерацијата БиХ. Босанскиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џеферовиќ вчера истакна дека таквиот предлог е „апсолутно неприфатлив“, потврдувајќи дека нема да има поддршка во парламентарната процедура.
За Дачиќ е спорно што македонска судијка гласа за рамноправноста во БиХ
Претходно пратениците во Република Српска дадоа краен рок од 60 дена за реформа на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во спротивно заканувајќи се со отцепување. Овој потег на пратениците од српскиот ентитет следува по одбивањето од судот да ја потврди нивната претходна пратеничка одлука, земјоделското земјиште во Република Српска да биде нивна сопственост, а не на Босна и Херцеговина.