Средба Лавров- Рама, тема и дијалогот меѓу Белград и Приштина
Конфликтот Русија – Украина, прашањето за дијалогот меѓу Косово и Србија, но и соработката меѓу двете земји беа теми на дискусија за време на средбата шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и албанскиот премиер Еди Рама, наведува телевизијата Ора њуз. Рама во Москва престојува во својство на претседавач на неговата земја со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ.
На заедничката прес-конференција Лавров рече дека ОБСЕ може да стори повеќе за усогласување на малцинските интеграции, етничките малцинства, за борбата против антисемитизмот.
„Разговаравме и за Западен Балкан, особено за Косово. Го поддржуваме дијалогот, косовското прашање мора да биде решено во согласност со меѓународното право. Страните треба да изнајдат договор, а клучен фактор за да се продолжи напред е спроведувањето на одлуката за создавање заедница на српски општини (ЗСО)“, изјави Лавров.
Премиерот Еди Рама, како што пренесува МИА,рекол дека за косовското прашање е важно Србија да ја признае неговата независност.
„Позицијата на албанската влада и мојата е многу јасна. Колку побрзо Србија го признае Косово, толку подобро ќе биде за сите и секако за самата Србија “, рекол Рама.
Инаку тој е прв албански премиер кој ја посетува Москва по две и пол децении, кога во 1995 година во посета на Москва беше тогашниот премиер Александар Мекси.