Груевски дел од расправата меѓу Заев и Мицкоски
![Груевски дел од расправата меѓу Заев и Мицкоски](https://gdb.rferl.org/23290B9B-9898-418A-A0DE-3FDA25B40B81_w800_h450.jpg)
Во пресрет на изборите лидерите на двете најголеми македонски партии се соочија на првиот телевизиски дуел. Лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Канал 5 дебатираат за актуелната состојба со коронавирусот и неговото евентуално влијание на одржувањето на предвремените парламентарни избори.
Според Заев, власта се справува соодветно со состојбата, а за Мицкоски, превентивата затаила.
Заев верува дека определенот период за неодржување јавни масовни собири ќе заврши, како што е утврдено до 6 март, и истакнува дека ќе се следат светските трендови и како ќе се развива систуацијата.
Мицкоски, пак, изјави дека нема индиции дека состојбата со коронавирусот ќе влијае на партиската агенда и истакна дека е важно да не се дозволи да ескалира.
На дневен ред беа и политичките препирки за владеењето на правото во земјава. Заев изјави дека кога го слуша Мицкоски, исто како да го слуша Груевски.
„За мене е истата матрица, како да го слушам Груевски. И тогаш и сега постои уверувањето дека извршната власт е одговорна за судската. Тоа не е така. Извршната власт ги овозможи законите. Ние очекуваме судството да ги носи одлуките самостојно и независно,“ изјави Заев.
Мицкоски пак, тврди дека Заев е опседнат со Груевски, се вози во, како што вели, мерцедесот на Никола Груевски, седи во баркона зграда и е опкружен со соработниците на Груевски.
„Ајде да зборуваме за вистински реформи. Зошто вашиот адвокат правеше интервенции? Зошто барате амнестија за вас? Ве гледам во очи и ви кажувам дека сите што се огрешиле пред законот ќе бидат изведени пред правдата. Овој закон што вие го донесовте, токму тоа не го дозволува. Ве гледам во очи и ви кажувам дека ќе одговарате“ изјави Мицкоски.
Дебатата е во тек. Официјалната изборна кампања стартува на 20 дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Предвремените избори беа распишани откако земјата не доби датум за преговори со Европската Унија.