Министерот Чулев ќе го тужи премиерот Спасовски
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска најави дека ќе му поднесе две кривични пријави на премиерот Оливер Спасовски.
„Првата кривична пријава е злоупотреба на службена должност од страна на техничкиот премиер Оливер Спасовски како претседател на Влада, со поддршка на одредени владини служби за фалсификување на службен документ. Се работи за седницата на Влада на која во официјалниот дел, за што постојат стенограми и записи, беа поништени пет решенија, меѓутоа веднаш потоа во „Службен весник” излезе одлука на Влада која беше фалсификувана дека се поништени 142 решенија. При тоа е направена злоупотреба на службена должност како претседател на Влада со фалсификување на службен документ. Втората кривична пријава се однесува на несовесно работење со наштетување на Буџетот заради распоредување на три лица припадници на МВР за кои е прекршен Законот за Агенција за национална безбедност“, рече министерот Чулев.