МЗ: од денеска еднаш дневно информации за заболени од Ковид 19
![МЗ: од денеска еднаш дневно информации за заболени од Ковид 19](https://gdb.rferl.org/CD5A2733-8F30-460F-B30C-3ACC78BA9B11_w800_h450.jpg)
Поради растот на бројот на случаи на Ковид19 од денеска Министерството за здравство еднаш дневно ќе информира за точните статистики и бројки на заболени лица од Ковид19. Ќе информираме за состојбата до 12 часот и таа бројка ќе се однесува на претходните 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство.
Од Министерството појаснуваат дека сосега ова го правеле два до три пати во денот, но, како што појаснуваат, откако има локална трансмисија и почнуваат да се вршат тестирања на повеќе локации, собирањето на точните бројки и статистики бара повеќе време.
„Заради локалната трансмисија и појава на изолирани случаи настрана од кластери на пациенти кои се во ко-релација во Скопје и Дебар, а веројатно истото ќе се случи и на други локации, нема да бидеме во можност за сите случаи да споделуваме информации од епидемиолошката анкета, како што тоа го правевме досега. Ова практично значи дека нема да можеме секогаш да одговориме или информираме за контактите кои заболените ги имале со други лица или колку дополнително луѓе се тестираат како резултат на контакт со секој од новозаболените“, велат од Министерството за здравство.
Шестмина нови позитивни на коронавирус, вкупно 76
Според последните информации од здравствените власти соопштени синоќа вкупната бројка на регистрирани пациенти во земјава изнесува 76. Досега се регистрирани заболени од Скопје, Дебар, Гостивар, Охрид, Штип и Кавадарци.