Од утре тест за коронавирус на 14 пунктови
Од утре почнуваат да функционираат вкупно 14 пунктови за земање материјали и брисеви за тестирање за коронавирус на територијата на целата држава. Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“, а во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени информациите за сите центри ширум државата.
„Ќе се тестираат граѓани по епидемиолошки индикации и со закажување по претходна најава кај матичниот лекар кој ќе треба да пополни алготиритам што ќе укаже на тоа дали граѓанинот треба да биде тестиран или не. По вчерашниот координативен состанок со Здружението на матичните лекари тие целосно се вклучија во поддршка на овој систем на идентификација на рано откривање, зголемување на пристапот на пациентите односно граѓаните прво до дијагностика, а после и до спроведување и извршување на тестовите, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Тој ги повтори податоците кои претходно ги објави Министерството за здравство за бројот на нови случаи. Во изминатите 24 часа регистрирани се 29 нови случаи во нашата земја, Вкупно до 12 часот бројката е 114. По градови во Скопје 65, Дебар 36, Штип 7, Кавадарци и Охрид 2, Гостивар 1 и Куманово 1.
Прв смртен случај од коронавирус во Македонија
Во земјава е регистриран и прв смртен случај на заболен од коронавирус. Се работи за 57 годишна жена од Куманово, која како што рече министерот, во локалната болница била третирана според протоколите. И биле направени два теста за коронавирус кои биле негативни, а откако вчера починала, посмртно и бил направен тест кој бил позитивен на коронавирусот.