Се бара целосен карантин за Куманово и подолг полициски час
Кумановскиот Кризен штаб, на чело со градоначалникот Максим Димитриевски, денеска побара од Владата да донесе препорака за целосен карантин на оваа општина.
„Бараме од Владата на Република Северна Македонија да донесе препорака (одлука) за воведување карантин на територијата на Општина Куманово, со поставување на контролни пунктови од страна на МВР на секој влез и излез во градот, на кои воедно ќе се врши контрола и соодветна дезинфекција на сите возила и патници, кои влегуваат во Куманово“, се наведува во соопштението.
Општинскиот кризен штаб бара од Владата да обезбеди и поголем број на тестови за вирусот COVID 19 и да отвори повеќе пунктови за тестирање на лица, како и зголемување на полицискиот час во Куманово, во времетраење од 18.00 до 06.00 часот.