ДУИ е против намалување на платите на администрацијата
![ДУИ е против намалување на платите на администрацијата](https://gdb.rferl.org/D06B6FF4-D9E5-46AD-AE28-A8026488D568_w800_h450.jpg)
За мене и за мојата партија ДУИ е неприфатлива мерката што ја предложи СДСМ за исплата на минимална плата во целата јавна администрација, изјави денеска, министерот за економија и висок функционер на ДУИ, Крешник Бектеши. Тој додаде дека во неговата партија се согласуваат за намалување на платата на функционерите.
Поради коронавирусот Заев предлага цела администрација да биде на минималец
„Јас сум подготвен да одам на намалена плата, но не само јас, ние како ДУИ ја поддржуваме мерката што се однесува на минимална плата за сите функционирани или именувани лица, но сме против да се оди на минимална плата за целата јавна администрација. Секако дека имаме наши предлози и би ги охрабрил сите стопански комори, НВО и експерти да достават соодветни предлози, затоа што ние мислиме дека има и други ставки во Буџетот каде што може да се скрати првично и да одиме фазно на тоа дека трошокот од оваа пандемија треба да го сносиме сите“, рече Бектеши.
Министерот додаде дека на синоќешната владина седница не се разгледувале предлозите на СДСМ.
„Вработените во се она што се смета за јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Важно е да се напомене дека оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив и околу нив, за помагање за справувањето со Корона вирусот“, предложи минатата недела лидерот на СДСМ, Зоран Заев.