Се затвора Заводот за рехабилитација, вработени и пациенти заболени од коронавирусот
Министерот за здравство Венко Филипче попладнево на прес конференција рече дека Заводот за рехабилитација во скопската населба Капиштец ќе биде затворен откако осум медицински лица и двајца пациенти се позитивни на коронавирусот. Инаку во тој завод од 9 до 23 март беше лекуван пациент од Тетово, за кој министерот минатата недела кажа дека е заболен од коронавирусот.
Филипче денеска ги потврди информациите кои претходно ги соопшти Министерството за здравство дека се потврдени 26 нови случаи со коронавирус, од кои најмногу- 19 во Скопје, три во Куманово и по еден во Прилеп, Тетово, Крива Паланка и Дебар, со што вкупниот број дијагностицирани изнесува 285 лица.
Од нив, рече министерот, повеќето се на домашно лекување, 47 вкупно се хоспитализирани од кои тројца се поставени на механичка вентилација, а на кислородна поддршка се девет пациенти. Досега од заболените оздравени се девет пациенти.
Уште еден починат и 26 новозаразени од коронавирус во Македонија
Во однос на тестирањето, Филипче рече дека дневно се прават помеѓу 200 и 300 тестови, дека е зголемен обемот на тестирањето, но дека е „добро е што бројката на дијагностицирани пациенти останува иста без разлика на тоа што од почетокот досега бројот на тестови се зголемува“.