700.000 евра грант од Ј. Кореја за модернизација на Царина
Со грант-средства од 700.000 евра од Владата на Јужна Кореја ќе се поддржи градењето на капацитетите на македонската Царинска управа, особено во делот на брзите пратки, откривањето на нелегалните финансиски текови, како и анализа на ризик во е-трговија, соопшти денеска Министерството за финансии.
Денеска беше организиран состанок за отпочнување на проектот на кој присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, и делегација од Царинската управа на Јужна Кореја. На средбата било истакнато дека од особено значење е поддршката во доменот на е-трговијата, која во светски рамки бележи постојан раст и развој, особено сега во новите услови креирани од коронакризата.