Нестабилно, но топло време нè очекува неделава
До крајот на неделата променливо време со дожд и ветер попладне Променливо облачно време со локална нестабилност во попладневните часови ќе преовладува до крајот на неделава. Преодно стабилизирање ќе има в петок, а в сабота повторно услови за попладневна нестабилност со краткотраен дожд и грмежи.
Дневните температури ќе бидат високи и ќе се движат од 23 до 33 степени. В петок се очекува умерен до засилен ветер од западен и северозападен правец, но дневната температура ќе се искачи до 33-тиот степен.
И за денеска попладне, според УХРМ, ќе биде на места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во Скопје доцна попладне се очекува локален дожд и засилен ветер.
Во меѓувреме невреме проследено со град попладнево го зафати пехчевскиот регион. Градот, како што информираат жители бил најизразен во селата Умлена и Робово и зафатил мала површина на житни посеви и овошните насади.