Црногорската полиција ги уапси сменетите општински функционери во Будва
![Црногорската полиција ги уапси сменетите општински функционери во Будва](https://gdb.rferl.org/0BD6A77F-9836-4273-8480-B787DB28EB38_w800_h450.jpg)
Сменетиот градоначалник на Будва, Марко Царевиќ, неговиот син и брат, сменетиот претседател на Општинското собрание на Будва, Крсто Радовиќ и уште петмина соработници утрово биле уапсени затоа што не дозволиле полицијата да внесе инспектори во општинската зграда.
Како што јавуваат црногорските медиуми, општинските власти и граѓаните се собрале рано утрово во просториите пред општината, а целиот град е под полициска опсада.
Полицијата се обидела да ја внесе инспекторката на Управната инспекција во зградата на Општина Будва, но биле пречекани пред влезот во Општината од страна на Царевиќ и Радовиќ, кои тоа не го дозволиле. Вчера Управната инспекција на Министерството за јавна администрација донела решение со кое наложува новото мнозинство да има пристап до Општината и нејзините документи.
На 11 јуни новото мнозинство во Општинското собрание на Будва успеа да ги смени Царевиќ и Радовиќ, на чија смена и претходеа доста инциденти.Царевиќ и Радовиќ не ги признаваат тие одлуки и тврдат дека се незаконски и не дозволуваат новоизбраните службеници да влезат во зградата на Општината, ниту да имаат пристап до општинските документи.
До политичката криза во Будва дојде откако советникот Стеван Џаковиќ, кој беше на списокот на Демократскиот фронт, одлучи да ја поддржи опозицијата, која во таа општина ја сочинуваат Демократската партија на социјалистите и Црногорската партија. Отпуштеното раководство тврди дека станува збор за политичка корупција.