Димитров-Андрикиене: Изборите во фокус на разговорите
Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Лаима Лиусија Андрикиене која денеска се сретна со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров изразила надеж дека претстојните избори ќе бидат фер и демократски според европските стандарди. Како што соопштуваат од МНР, шефицата на набљудувачката мисија информирала за досегашните активности, при што истакнала дека набљудувањето на изборите, со оглед на здравствената криза, ќе биде спроведено со помала мисија која има целосен мандат да ги набљудува сите аспекти на изборниот процес.
“Ве уверувам дека и со ваквиот формат на Мисијата, наметнат од пандемијата, нашата работа ќе ја завршиме квалитетно и ефикасно во функција на успешна мисија за кредибилно набљудување на изборниот процес“, истакнала Андрикиене.
Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР почнаа со работа
Од Министерството за надворешни работи информираат дека Димитров на средбата со Лаима Лиусија Андрикиене изразил благодарност до ОДИХР за брзото распоредување на набљудувачката мисија, при што ја истакнал подготвеноста на институциите за обезбедување на неопходните услови за успешно набљудување на изборите од страна на мисијата.
“Цврсто сум убеден дека и овој изборен процес уште еднаш ќе ја потврди македонската демократија, каква се очекува од земја членка на НАТО и од земја која забрзано се движи кон ЕУ’, истакнал Димитров на средбата со шефицата на Специјалната изборна оценувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 15 јули.