Речиси 300 авганистански војници убиени во напади на талибанците
Авганистанските власти ги обвинија талибанците дека во серија на напади во изминатата недела пред потенцијалните разговори меѓу завојуваните страни биле убиени 281 припадник на безбедносните сили, а повредени биле 550 лица.
„Изминатата недела беше најсмртоносната од почетокот на 18 годишниот конфликт“, изјави портпаролот на Советот за безбедност, Џавид Саизал.
Според него, талибанците спровеле 422 напади во 32 покраини. Тој порача дека заложбата на талибанците да го намалат насилството е безначајна, а нивните активности не се во согласност со нивната реторика за мирот.
Портпаролот на талибанците Забихулах Муџахид ги отфрли најновите владини бројки, велејќи дека „непријателот има за цел да го повреди мировниот процес и разговорите со објавување вакви лажни извештаи“. Според него, милитантната група спровела неколку напади, но најчесто во одбрана.