Трамп ги нарече демонстрантите левичарски насилници
Американскиот претседател Доналд Трамп протестите за расна нетолеранција и полициска бруталност ги нарече антиамерикански за време на предизборниот митинг на млади приврзаници во западната држава Аризона. Тој додаде дека „левичарскиот народ“ се обидува да создаде хаос и неред во земјата под изговорот дека протестира за расна нееднаквост.
„Тоа не е однесување на мирно политичко движење. Тоа е однесување на тоталитаристите и диктаторите и луѓето кои не ја сакаат нашата земја.Тие ги мразат нашите вредности и тие ги мразат сето она што ние го наградуваме како Американци. Ние не се поклонуваме на левичарските насилници“, рече Трамп пред собирот.
Трамп потпиша указ за реформа на полицијата
Трамп претходно потпиша извршна наредба за зголемување на финансирањето за подобра обука на полицијата и за формирање федерална база на податоци за следење на полициското постапување.
Претседателската акција е дел од активностите на градовите и државите кои преземаат свои чекори за решавање на масовните протести на национално ниво, предизвикани од смртта на Џорџ Флојд. Движењето „Black Lives Matter “ и активисти повикаа на целосен ремонт на системот на кривично право во земјата, бидејќи се справува со долготрајни проблеми околу полициската бруталност и расната нееднаквост.