Мицкоски - Нема ништо криминално во објавениот разговор на интернет
![Мицкоски - Нема ништо криминално во објавениот разговор на интернет](https://gdb.rferl.org/977E1268-B69D-4816-B195-1D85346EAA0F_w800_h450.jpg)
Нема ништо криминално во денеска објавениот разговор на интернет, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за МИА. Тој вели дека е чудно што објавувањето на овој приватен разговор доаѓа само ден откако адвокатот на Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ пријави закани за ликвцидација на неговиот клиент.
„Тоа е истиот оној разговор што веќе беше објавен. Претпоставувам дека има уште еден дел што не верувам дека им одговара да го објават. Уште ова е тоа што излезе. Таму нема ништо криминално, нема ништо инкриминирачки. Ете ниски страсти, еден приватен разговор. Да, сум бил во болницата, и деновиве одам во болница, да не се мачат да пуштат разговори бидејќи таму е мојата мајка, ја посетувам, така што нека снимаат тие, нека следат“, изјави денеска Мицкоски.
Претходно нова снимка од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец се појави на Јутјуб.
Нова снимка на Мицкоски и Кичеец на Јутјуб
Мицкоски, како што се слуша во разговорот, му вели на Кичеец дека го имаат сликано како влегува кај бизнисменот Орце Камчев додека бил под ПИ мерки.
Зоран Милески е осуден на три години затвор за предметот „Рекет“, во кој со првостепена пресуда се осудени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13. Камчев беше главниот сведок во „Рекет“ и тврдеше дека од него биле изнудени еден и пол милиони евра со цел да добие полесн третман во случајот „Империја“ на СЈО, во кој бизнисменот беше еден од осомничените.