Ирански обвинител - Соборувањето на украинскиот авион е човечка грешка
![Ирански обвинител - Соборувањето на украинскиот авион е човечка грешка](https://gdb.rferl.org/142CFDA9-62DB-4369-902E-64644711DE1D_cx0_cy1_cw0_w800_h450.jpg)
Нема индиции дека соборувањето на украинскиот патнички авион во Иран во јануари се должи на мрежен напад врз системот за одбрана на земјата, соопшти иранскиот воен обвинител. Тој говореше денеска пред семејства на жртвите. Воениот обвинител Голам Абас Торки, потврди дека причина за несреќата е човечка грешка. Во авионската несреќа загинаа сите 176 лица во авионот „Боинг 737“.
Тој рече дека операторот на системот за противвоздушна одбрана не добил дозвола од неговите претпоставени пред да испали две ракети кон авионот. Помеѓу двата проектили имало пауза од 26 секунди, во кои операторот исто така не добил дозвола од претпоставените.
Обвинителот рече дека три лица остануваат во притвор поради соборувањето на авионот, а три други се ослободени со кауција.
Силите на Исламската револуционерна гарда ја презедоа одговорноста за ненамерното соборување на авионот на украинската авиокомпанија. Авионот беше соборен во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД. Иранските власти по три дена призна дека го собориле авионот, како што рекоа, по грешка.
Неколку часа пред соборувањето на патничкиот авион, Иран започна ракетни напади врз ирачката воена база во која биле сместени американски војници. Иранските напади беа извршени како одговор на убиството на врвниот командант на Исламската гарда, Касем Солејмани. Тој беше убиен во американскиот напад со беспилотни летала во близина на аеродромот во Багдад.
Истрага на црните кутии на украинскиот авион соборен во Иран
Иранскиот обвинител рече дека Техеран ќе ги испрати црните кутии од соборениот авион на анализа во Франција. Тој рече дека снимките се „физички оштетени“ и дека податоците може да се вратат само со „софистицирана“ технологија.