ВМРО-ДПМНЕ: Заев етикетира новинари
![ВМРО-ДПМНЕ: Заев етикетира новинари](https://gdb.rferl.org/057F2713-E6E6-4299-9616-363B965F204B_cx0_cy10_cw0_w800_h450.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше и, како што стои во партиското соопштение, остро го осудува „недемократско постапување на Зоран Заев кон новинарите и медиумите, редејќи етикети, навредувајќи ги, пресметувајќи се“. Од партијата велат дека „вчерашното етикетирање на новинари дека се политички ориентирани било одлика на примитивизам“.
„Станавме земја во која Зоран Заев определува кој биле објективни медиуми во земјава, а кој не, држава во која физички се тепаат новинари и се покренуваат нарачани обвиненија само затоа што си ја вршат работата. Заев човекот кој како во политиката така и во делот на медиумите нарачува обвиненија и се пресметува со неистомислениците. Зоран Заев треба да се извини кон медиумите и целата јавност поради недоличниот, дрзок и селективен однос кон медиумите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ вчера, по конститутивната седница на Собранието, во дискусија со дел од новинарите на неговата прес-конференција, рече дека „како што некои медиуми имаат демократско право да се наклонети кон некоја политичка опција, така и тој има право да ја нотира нивната политичка ориентација“. Коментарот на еден од присутните новинари беше дека „ова порано го правел Никола Груевски“.