Расте бројот на заразени со корона вирус на Балканот
Во текот на последното деноноќие во Србија се регистрирани шест смртни случаи од Ковид-19, додека 255 лица се позитивни на коронавирусот. Како што информира српското министерство за здравство, на респираторни машини се 121 пациент.
Од почетокот на епидемијата во Србија се регистрирани вкупно 27 863 случаи на коронавирусот.
Во изминатите 24 часа во Хрватска се регистрирани 77 нови случаи на корона вирус, така што бројот на тековно заразени (активни случаи) е 569, соопшти Националната канцеларија за цивилна заштита. Од тој број, 120 лица се во болница, а осум од нив се на респиратор.
И во Косово расте бројот на нови случаи. Во последното деноноќие починале уште 12 лица, со што се зголеми вкупниот број на загинати на 315 од почетокот на епидемијата, објави Националниот институт за јавно здравје на Косово.
Раст на бројот на заразени е забележан и во Босна и Херцеговина. Од вкупно 443 тестирани примероци, според податоците на Институтот за јавно здравство, во изминатите 24 часа, 326 лица се позитивни за САРС-КоВ-2 вирусот, а 72 нови случаи се регистрирани во Република Српска (РС). Шест смртни случаи биле пријавени во Институтот за јавно здравје на Федерацијата.