Заев и Ахмети постигнаа договор за формирање Влада
Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети објави дека е постигнат договор меѓу двете партии за создавање парламентарно мнозинство, формирање нова Влада и за поделба на министерствата.
„Ја прецизиравме и потврдивме рамката за идната соработка меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ“, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи Владата во следните четири години.
Тој порача и дека нивниот денешен договор треба да го потврдат највисоките тела на партијата.
Ахмети истакна задоволство од договорот за новата влада со СДСМ, и порача дека е сигурен оти овој договор меѓу партиите ќе биде поздравен од сите граѓани.
„Убеден сум дека денеска направивме многу добра работа. Убеден сум дека оваа влада досега ќе биде најуспешна“, рече Ахмети.
На средбата во Клубот на пратениците меѓу Заев и Ахмети присуствуваа и генералните секретари на партиите, Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ.
СДСМ- со ДУИ ги усогласуваме изборните програми
Изборите се одржаа на 15 јули, а претседателот Стево Пендаровски на 13 август му го даде мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ, Заев и од тогаш тече 20 дневниот уставен рок за формирање влада. СДСМ и ДУИ заедно имаат 61 пратеник.