Закажана собраниска седница за утврдување на бројот на потпретседатели
За утре во 11 часот е закажана собраниска седница за, како што е наведено на интернет страницата на Собранието, предлог на одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието.
Во предлог одлуката потпишана од собранискиот спикер Талат Џафери се наведува дека „собранието на Република Северна Македонија има пет потпретседатели“. Инаку според Деловникот на Собранието бројот на потпретседателите го утврдува собранието по предлог на претседателот на парламентот.
Заев: Прво избор на собраниски потпретседатели, па предлог за Влада
Претходно денеска лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада Зоран Заев рече дека прво парламентот мора да го утврди бројот на неговите потпретседатели и да се изберат, па потоа предлогот за составот на новата влада ќе биде доставен до Собранието. Тој во изјава за ТВ21 вели дека треба да се верифицира и мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите.
„Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за Влада и владината програма до Парламентот“, рече Заев.
Нова влада со старо нов состав
Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети минатата недела се договорија да формираат владино мнозинство кое заедно со едниот пратеник од ДПА има 62 пратеници. По лидерскиот договор, кој меѓудругото предвидува Заев да биде премиер четири години, а последните сто дена пред избори премиер да биде по предлог на ДУИ, партиите излегоа и со своите кандидати за министри.
Џафери избран за претседател, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата
Во меѓувреме во медиумите се појавија гласини за несогласувања во ДУИ за две предлог решенија за министри. Минатата недела пратениците го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, а владата, според уставните рокови, треба да биде избрана најдоцна до втори септември.