Ердоган: Ставот за Медитеранот е тест за непристрасноста на ЕУ
![Ердоган: Ставот за Медитеранот е тест за непристрасноста на ЕУ](https://gdb.rferl.org/8F874514-4CD9-48A4-8F60-56A17AE654D3_cx0_cy6_cw76_w800_h450.jpg)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера му рече на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, дека ставот на Европската унија кон турско-грчкиот спор за источниот Медитеран ќе биде тест за нејзината искреност и непристрасност, повикувајќи ја ЕУ да заземе непристрасен став во спорот на Турција и Грција, соопшти денеска Кабинетот на Ердофан, јави Ројтерс.
„Провокативни коментари и чекори на европските политичари во врска со регионалните прашања нема да помогнат да се постигне решение“, објави Кабинетот на турскиот претседател.
Турција и Грција се во спор околу истражувањето на енергенси во спорните води на Медитеранот, како и за обемот на нивниот континентален посед. Турција почна истражувања во водите меѓу Грција и Кипар на 10 август, кревајќи ги тензиите во стратешкиот коридор на источен Медитеран. Атина тврди дека се работи за нејзини територијални води и дека Турција треба да се повлече. Анкара го тврди спротивното.
Франција бара од ЕУ санкции за Турција поради тензиите со Грција
Официјален Париз вчера соопшти дека ескалирачкиот конфликт на Турција со Грција и Кипар ќе биде главната тема на состанокот на Европскиот совет овој месец, кога ќе бидат разгледани можни санкциите против Анкара. Министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан рече дека тој и неговите колеги од другите земји на ЕУ веќе разговарале за „опсегот на санкции што можат да се преземат во однос на Турција“.