Мицкоски за Денот на независноста- имаме земја потопена со криминал
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во видео честитка за Денот на независноста 8 септември наведува дека „имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ“.
„Мафија, мафија која управува со државата и сака да управува со животите на луѓето. Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни. После 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создаваше државата. Европска Унија, силна економија, сигурност итн“, вели Мицкоски.
Тој додава дека се потребни промени кон подобро и заедничка борба да нема веќе како што вели богата влада, а сиромашен народ, влада која има удобства а народ кој живее на вересија.
Животот низ бројки од независноста до денес
Инаку на референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година излегоа околу 72 отсто од запишани избирачи, а 95 отсто од нив се изјаснија потврдно на прашањето „дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“. Осми септември се празнува како Ден на независноста.
Ден на независноста- честитки и ветувања за подобар живот
Премиерот Зоран Заев на денешната прослава пред Владата рече дека доаѓа време на ред, правда и дисциплина, а претседателот Стево Пендаровски во писмено обраќање наведе дека се потребни политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот.