Недимовиќ: Српската прехранбена индустрија ќе има корист од „мини Шенгенот“
![Недимовиќ: Српската прехранбена индустрија ќе има корист од „мини Шенгенот“](https://gdb.rferl.org/5CEE6768-7163-4CBE-BF47-079726796346_w800_h450.jpg)
Српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бранислав Недимовиќ, денеска изјави дека храната и прехранбената индустрија ќе профитираат најмногу со „мини Шенгенот“, бидејќи Србија ќе добие нов простор на пазарот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, на седница на Сојузот за храна и земјоделство-НАЛЕД, министерот изјави дека воспоставувањето на зоната „мини Шенген“, која ги вклучува Србија, Македонија, Албанија и „областа контролирана од Приштина“, ги руши сите бариери во врска со ветеринарните и фитосанитарните сертификати.
Балканскиот „мини Шенген“, добра идеја со макси предизвици
Тој додаде дека постои можност и БиХ да се приклучи на зоната.
„Потребен ни е простор за проширување на трговијата, а Србија и нејзините компании од областа на прехранбената индустрија имаат потенцијал за тоа, за што покажуваат бројките од областа на трговската размена со сите оние простори каде планираме да тргуваме и каде веќе тргуваме“, кажа Недимовиќ.
Тој посочи дека сега се тргнува „во друга зона каде влегуваме во суфицит со други играчи“ и дека ова покажува колку е силна прехранбената индустрија во Србија.
Недимовиќ оцени дека идната влада мора да има целосно нов пристап кон прехранбената индустрија кога станува збор за привлекување нови инвестиции и тој му предложи на неговиот наследник на чело на ресорот кој тој го водеше досега, неговиот фокус да биде на безбедноста на храната, на „мини Шенгенот“ и е-аграрот.
Иницијатива за формирање „мини Шенген“ зона на Балканот потекна пред една година од српскиот претседател Александар Вучиќ и предвидува слободен проток на луѓе и стоки низ балканските земји.