Утре ќе се знае дали ќе има дневен престој во училиштата
Комисијата за заразни болести утре изутрина ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.
„Последната информација што ја имавме во Комисијата е дека нема да има целодневен престој. Утре наутро имаме состанок, ќе ги видиме ставовите на Министерството за здравство, на министерот за здравство, на членовите на Комисијата“, истакна денеска директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата.
Се разгледува можноста за целодневна настава во училиштата
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца коишто би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.
„Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност што е тоа истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот“, појасни Филипче.
Исјановски денеска рече не ја исклучи можност за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.
Училиштата треба да почнат да работат од 1 октомври. Прво, второ и трето одделение, доколку родителите се согласат, со настава во училиште, а останатите онлајн. Засега не се предвидува дневен престој во училиштата, а часовите ќе бидат скратени.