Џафероски: Регионалната соработка во сферата на заштитата и спасувањето битна за Балканот
Соработката во сферата на заштитата и спасувањето на земјите од Балканскиот регион е од големо значење бидејќи во вонредни состојби заедничката активност во оваа сфера дава брза ефикасност. Република Северна Македонија е целосно подготвена и има тимови кои ги исполнуваат сите потребни стандарди за делување. Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го изјави Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување при Владата, по завршувањето на вежбата со Републичките сили за заштита и спасување и Тимовите за брз одговор „Маврово 2020“. Тој додаде дека учеството на македонските тимови на повеќе регионални вежби но и припомош во вонредни состојби во земјите од регионот, покажа дека ефектите на регионалната соработка се големи.
„Македонската дирекција за заштита и спасување во последните три години создаде тимови за заштита и спасување, набави професионална опрема и изврши бројни обуки за справување со несреќи и делување во вонредни услови. Во оваа насока поддршката на САД и ЕУ беше од големо значење“, нагласи Џафероски и додаде дека тимовите од Македонија со голем успех учествуваа на вежби во повеќе земји од регионот.
Џафероски за РСЕ додаде дека Дирекцијата за заштита и спасување е членка на Механизмот за Цивилна заштита на Европската Унија и во изминатите месеци активно учествуваше во примање и испраќање на меѓународна помош во борбата против Ковид 19. Тој додаде дека оваа институција има потпишано билатерални договори меѓу државите од регионот и над 20 меморандуми за соработка со домашни и меѓународни институции од областа на заштитата и спасувањето.
„Тридневната вежба во Маврово покажа дека нашите тимови се целосно подготвени за делување во вонредни состојби“, нагласи Џафероски.