Пендаровски на ГС на ОН-решението на историските спорови не е во идеологиите од 19-от век
Нашиот регион се уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век. Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација, порача претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на Генералното Собрание на ОН.
„Како мала држава во југоисточна Европа, внесовме дополнителна стабилност во регионот решавајќи, со посредство на ОН, еден комплексен спор со нашиот сосед Грција. Сега договореното го спроведуваме во добра верба, од што корист ќе имаат и нашите две држави, но и регионот во целина. Истовремено, подготвени сме, сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти, за што значаен пример е Договорот за добрососедство и соработка со нашиот сосед Република Бугарија“, истакна Пендаровски во видео-пораката на Генералната дебата на 75-та сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, што годинава поради пандемијата од КОВИД-19, се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.
Софија до ЕУ- Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот
Овие пораки на претседателот испратени на Генералното собрание на ОН доаѓаат во период во кој Бугарија испрати меморандум до земјите членки на Европската унија кои разговараат за преговарачката рамка за пристапните преговори за Македонија. Во него официјална Софија наведува дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година. Од членките на ЕУ таа бара поддршка за нејзините позиции и бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од преговарачка рамка.