ЕУЛЕКС упадна кај косовските ветерани на ОВК, најавени апсења
![ЕУЛЕКС упадна кај косовските ветерани на ОВК, најавени апсења](https://gdb.rferl.org/11c34568-ef5a-41f7-b60b-61ba34d95d09_w800_h450.jpg)
Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС влезе денеска во канцелариите на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово и почна претрес (ОВК) во Приштина, јави МИА од Косово.
Агенцијата Косовапрес објави дека вооружени припадници на полицијата го обезбедуваат објектот во кој се сместени ветераните и вршат претрес во нивните канцеларии. Акцијата уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и командант на ОВК, Салих Мустафа, кој е првиот од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99 против кого е официјално подигнато обвинение од страна на Специјализираните комори, односно меѓународниот суд за Косово.
Ахмети: Ќе сведочам во Хаг како еден од основачите на ОВК
Порталот „Газета експрес“, како што јави МИА, претходно објави дека во текот на денешниот и утрешниот ден се очекуваат нови апсења на поранешни водачи и припадници со обвиненија од трибуналот, чие седиште е во Хаг.
Во изминатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица донесоа бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против лицата осомничени за воени злосторства и со имиња на сведоци испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот.